Ракометарите на Охрид ја зачуваа првата позиција на табелата совладувајќи го Тинекс Пролет со 34-22 (21-10) во последниот меч на домашен терен од регуларниот дел во Супер лигата.
„Гладијаторите“ фаворитската улога пред натпреварот комплетно ја оправдаа на теренот одржувајќи му лекција по модерен ракомет на „пролетерите“.
Охриѓани дилемите околу победникот ги разрешија во првиот дел кој го добија со двоцифрена предност на семафорот (21-10).
Во вториот дел охридските ракометари рутински го спроведоа мечот во мирна завршница и забележаа нова победа вкупно 13-та во Супер лигата.
Во листата на стрелци со осум голови се истакна Марко Кобетиќ, пет постигна Лазар Адамовиќ, а по четири Бобан Блажески и Јанев. Три пати противничката мрежа ја погодија Крсте Андоновски и Александар Босеовски. Голманскиот тандем Благојче Трајкоски и Александар Стојаноски искомбинираа 20 одбрани.
Ракометарите на Охрид регуларниот дел од Супер лигата ќе го завршат во Радовиш против истоимената екипа.
OhridNews