Ракометарите на Охрид, го остварија најголемиот успех во Супер лигата, победувајќи во сите натпревари, кои ги одиграа во групата А од македонската ракометна елита. „Гладијаторите“ дванаесеттиот триумф го извојуваа на гостински терен кај Астраион кој го совладаа со 31-22 , полувреме 13-11.
Комбинираниот состав на Охрид повторно беше на висина на задачата и одигра нов добар меч во Супер лигата. Струмичкиот клуб Астраион за разлика од дуелот во Охрид беше нешто подобар, но далеку од нивото на охридскиот клуб.
„Гладијаторите“ на средината од првото полувреме го презедоа водството и не го испуштија до крајот на мечот. На полувреме, Охрид замина со водство од 13-11, а после 60-та минута на семафорот стоеше 31-22.
Перфектниот учинок во регуларниот дел од Супер лигата на охриѓани е одлична најава за натпреварите од плејофот на пролет, кои ќе бидат празник на ракометот во Охрид и цела Македонија.
Од А групата друштво на Охрид во плејофот ќе му прават Пролет и Струга.
Мх.П.