Ракометарите на Охрид го задржаа победничкиот курс во плејаутот од Супер лигата триумфирајќи на гостувањето кај Прилеп со високи 36-20 (18-7).
„Гладијаторите“ во Прилеп го забележаа шестиот триумф во исто толку одиграни натпревари во плејаутот и останаа неприкосновени на врвот од табелата.
Неизвесност во мечот имаше само на стартот, а потоа до израз дојде квалитет на охридскиот состав. Разликата на семафорот растеше. На одмор охриѓани заминаа со плус 11, а мечот го завршија со предност од 16 погодоци.
Најпрецизен во охридскиот состав беше Иван Тасески со 7 голови, по 4 реализираа Мартин Ивановски, Бобан Блажески и Стефан Трпчевски а по три пати прецизни беа Крсте Андоноски, Никола Ристески, Лазар Петровиќ и Златко Везенковски. Во тимот на Прилеп се истакна Филип Крстевски со пет голови.
Во седмата рунда од плејаутот Охрид силите ќе ги одмери со Борец во Велес.
OhridNews