Руското Министерство за одбрана соопшти дека руски воен авион од типот Су-24 е соборен на границата меѓу Турција и Сирија.

Според прелиминарните извештаи, авионот е соборен со ракета од земја. Министерството соопшти дека пилотите успеале да се катапултираат и сега се утврдува што се случило со нив.

– Су-24 на руската авијација паднал на територијата на Сирија по истрелување ракета од земја. Авионот се наоѓал во воздушниот простор на Сирија на висина од 6.000 метри, се наведува во соопштението.

Двајца пилоти најверојатно успеале да се катапултираат, и да го напуштат леталото пред експлозијата, а според Си-Ен-Ен, авионот го соборила турска војска, откако претходно го нарушил турскиот воздушен простор.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган бил информиран за случајот од страна на началникот на Генералштабот на армијата генерал Хулуси Акар, пренесе Анадолија.

– Странскиот авион, соборен од Турција во близина на сириската граница денеска, го нарушил воздушниот простор, и покрај тоа што бил предупреден десет пати во интервал од пет минути, соопшти турската армија во соопштение.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека ги проучува околностите околу катастрофата. Министерството за одбрана сака да посочи дека авионот бил над сириска територија преку целиот лет, се наведува во соопштението.

Турските телевизии, емитуваа снимки, на кои се гледа како двајца пилоти катапултираат. Според сириската Опсерваторија за човекови права, судбината на пилотите засега не е позната. Си-Ен-Ен Турк, меѓутоа, цитирајќи локални извори, објави дека еден од пилотите бил во рацете на туркменските сили во Сирија, кои се во потрага и по другиот пилот.

OhridNews

Извор: „МИА“