– Руските научници ги отфрлаат тезите за глобалното затоплување и најавуваат за 2014 година почеток на „малото ледено доба“, пренесува „Макфакс“.

Научниците досега регистрирале загревање на климата, што на Земјата започнало во втората половина на 18. век, односно со почетокот на индустриската револуција. Како што човештвото ја зголемуваше емисијата на јаглерод диоксид, научниците сметаат дека истовремено се појавил и ефектот на стаклена градина, што доведе и до зголемување на температурите.

Сепак, рускиот научник Владимир Башкин не се согласува со тоа. Тој тврди дека промената на климата има цикличен карактер и дека во никој случај не е поврзана со дејствувањето на човекот. Заедно со колегата Рауф Галиулини од Институтот за фундаментални проблеми на биологијата на Руската академија на науките, покажува дека досегашното загревање на Земјата е само сигнал за излезот на нашата планета од ’малото ледено доба’. Обајцата сметаат дека ни претстои влегување во ново ледено доба.

Малото ледено доба настанува со период на траење од некои 500 години. Претходен таков период беше кон средината на минатиот милениум, кога во Англија се замрзна реката Темза, Холанѓаните се лизгаа на лизгалки, а во Русија странците ги зафаќаше паника кога видоа како дрвјата пукаат од мраз.

Периодите на заладување и затоплување имаат интервал од околу 30 до 40 години. На пример, во Русија имало затоплување во 30-сетите години на минатиот век, потоа дошло до заладување со почетокот на Втората светска војна, па ново затоплување следеше во 70-сетите години на минатиот век итн.

Почетокот на новиот циклус заладување е поврзан со активноста на Сонцето. Силата на зрачење на нашата ѕвезда опаѓа и тоа влијае врз климата на Земјата. Научните истражувања на климата изминатите геолошки периоди, ја ставаат под сомнеж основаноста на барањата од Протоколот од Кјото, тврди Владимир Башкин.

Протоколот од Кјото ја ограничува емисијата на стакленичките гасови и дозволува тргување со квотите на емисијата на тие гасови.

„Емисијата на јаглерод диоксид е нормален природен процес и не е исклучиво резултат на човечката дејност“, рече Башкин, пренесува Рашан Радио. Океаните на Земјата содржат 60 пати повеќе јаглерод диоксид, отколку воздухот. При порастот на температурата на планетата, доаѓа до негово поактивно издвојување.

Глобалното затоплување, за кое толку се раскажува, повеќе е маркетиншки потег, отколку научен проблем. Тоа повеќе не е наука, туку политика, тврди Башкин и додава дека нè очекува глобално заладување, а не глобално затоплување.

Според него, заладувањето ќе се случува пополека и ќе се почувствува кон средината на овој век.

OhridNews
извор:„Макфакс“