Можната испорака на борбени тенкови од страна на Вашингтон за Украина ќе биде „уште една очигледна провокација“ против Русија, изјави рускиот амбасадор во САД Анатолиј Антонов. Очигледно е дека Вашингтон намерно се обидува да ни нанесе стратешки пораз, рече Антонов во забелешките на амбасадата објавени на Телеграм.

Ако САД решат да испорачаат тенкови, тогаш оправдувањето на таков чекор со аргументи за „одбранбено оружје“ дефинитивно нема да успее. Тоа би било уште една очигледна провокација против Руската Федерација, додаде тој.

„Вол Стрит Џурнал“ вчера информира дека администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден е сè поблиску до одлуката за испраќање на моќните американски тенкови „Абрамс“ во Украина, додавајќи дека одлуката би можела да биде соопштена уште неделава.

Белата куќа не сакаше да го коментира написот, но весникот наведува дека „одлуката за испраќање на тенковите „Абрамс“ би била дел од поширок дипломатски договор, во чии рамки Берлин ќе објави испраќање на помал број свои тенкови „Леопард 2“ во Украина и во исто време ќе ги овласти Полска и другите земји да испратат тенкови „Леопард“ во Украина.

OhridNews