На охридскиот аеродром “Св Апостол Павле” попладнево слета првиот чартер лет од  Москва. Со него пристигнаа околу 130 руски туристи, кои десетина дена ќе престојуваат во Македонија.

Руските туристи на аеродромот во Охрид, ги дочекаа претставници на Руската Амбасада во Македонија, од Руско – македонската комора и од Агенцијата за промоција на туризмот.


“ Ова е мал чекор за отварање на патот кон Охридското Езеро и се надевам дека оваа малечка река гости од Русија наскоро ќе прерасне во голема река, рече заменик Амбасадорот на Русија во Македонија, Јевгениј Јегоров. 


Илија Исајлоски, македонскиот Амбасадор во Русија, истакна дека се надева дека чартер летовите ќе продолжат со планираниот интензитет и секој од нив ќе носи од 100 до 140 гости од Русија. “ Според нашите сознанија, сите билети за Македонија веќе се распродадени. Интересот во Русија е голем, а нашата земја е претставена како една од најубавите и најевтини европски дестинации и се наоѓа на  сите познати интернет сајтови”, рече Исајлоски.



Ина Жарова, Директор на Алекс Турс- Москва и организатор на чартер- летовите, потенцира дека основниот мотив за да го организира сето ова било воодушевувањето со кое се враќале руските гости од Охрид и Македонија.

Ова е првата група на руски туристи од предвидените шест чартер летови, за оваа сезона. Заклучно со 30-ти август, ќе  треба  се реализираат уште 5 чартер летови од Русија.

Ohridnews