Генералштабот на украинската армија соопшти дека Русија во последните 24 часа извршила 40 ракетни напади во девет украински региони.
Русите ги гаѓаа целите и со 16 ирански дронови Шахед-136. Главните цели беа енергетските и индустриските капацитети, информира Киев.
Ова се најжестоките руски ракетни напади врз Украина од почетокот на октомври.
Украинскиот премиер Денис Шмихал во интервју за германскиот весник Франкфуртер Алгемајне Цајтунг предупреди дека Русија ја турка Украина кон хуманитарна катастрофа со напади врз енергетската инфраструктура.
Русија сака Украина да има таква зима во која многу луѓе буквално би можеле да замрзнат до смрт, изјави Шмихал за весникот.
Руските напади врз енергетската инфраструктура на Украина, која според некои проценки изгуби 30 до 40 отсто од својот капацитет, може да доведат до „планирана хуманитарна катастрофа каква што Европа не видела од Втората светска војна“, нагласи Шмихал.
Украинскиот премиер истакна дека поради руските напади и нивните последици Украинците би можеле масовно да побегнат во Европа.
OhridNews