Македонските туристички потенцијали во текот на изминатите неколку дена беа претставени во рамки на саемот за туризам „Mitt“ во Москва, Русија и на саемот за туризам „TUR“ кој се одржуваше во Гетеборг, Шведска.

Претставници на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот во рамки на московскиот саем оствариле средби со веќе постоечките туристички партнери, но воспоставиле и нови контакти за идна соработка.

-Беа остварени средби со претставници на рурскиот тур оператор „7 Tour” кој веќе неколку години носи руски туристи во Македонија. Од минатата година започна и соработката со Руската Асоцијација на тур оператори и туристичките агенции Amigo tours и Inter-visam чии претставник е Ирина Росолин. Таа е основач на Здружението „Посетете ја Македонија“ веб портал кој нуди тури за Mакедонија и информации за најатрактивните туристички дестинации во нашата земја, информираат од АППТ.

Оттаму објаснуваат дека со нов дизајн на штандот и нови промотивни материјали кои го претставуваат туристичкиот производ, Македонија била успешно претставена и на саемот во Гетеборг.

-Оваа година остваривме средба и одржавме успешна презентација пред продукт менаџерите на шведскиот тур оператор „TUI Fly Nordic“ кои изразија интерест да ја постават Македонија на шведскиот пазар во нивната туристичка понуда за претстојните сезони. Одличната авионска конекција со Шведска преку директните линии од Скопје до најголемите шведски урбани центри Стокхолм, Гетеборг и Малме го зголемија интересот за посета на нашиот главен град како атрактивна „City break“ дестинација, велат надлежните во АППТ.

Тие потенцираат дека дополнителна предност при привлекувањето на шведски туристи е и субвенцијата за скандинавските земји која изнесува 65 евра по донесен турист за авионски организиран туристички промет во нашата држава.

OhridNews