Рускиот таеквондист Владислав Ларин го освои олимпиското злато, победувајќи го Македонецот Дејан Георгиевски со 15-9, во финалето од апсолутната категорија во таеквондо.

Првата од трите рунди му припадна на рускиот борец кој поведе со 2-0. Во втората рунда борбата се отвори. Најпрво нашиот претставник изедначи на 2-2, а за краток временски период Ларин поведе со 7-2. Георгиевски успеа да се консолидира и до крајот на втората рунда да намали на 9-7.

Во решавачката трета рунда, двајцата добија казнен поен и разликата остана иста 10-8. Русинот кон олимпиското злато зачекори со ударот во глава и во телото, по што се одлепи на 15-9. До крајот нашиот претставник не успеа да се врати и претрпе пораз.

За Македонија ова е втор медал од олимпијадите после осамостојувањето. Претходно, медал освои Мохамед Ибрагимов во борење, во Олимпијадата во Сиднеј во 2000 година.

Во финалето во женска конкуренција триумфираше Милица Мандиќ од Србија. Србинката со 10-7 ја совлада Корејката Ли Дабин.

OhridNews