Руските воздушни сили во Сирија извршиле повеќе од 60 борбени летови во изминатите четири дена при што се уништени 50 објекти на терористичката организација Исламска држава (IS), изјави викендов началникот на Главната оперативна команда на рускиот Генерлаштаб, генерал-полковникот Андреј Картаполов, додека портпаролот на министерството за одбрана прецизирал дека во изминатото деноноќие биле изведени 20 летови во кои бил уништен подземен бункер и команден центар на џихадистите, пренесува „Макфакс“. 

Русија започна во воздушната операција во Сирија од средата, откако горниот дом на парламентот едногласно го одобри барањето на претседателот Владимир Путин, по упатеното до него барање од неговиот долгогодишен сојузник сирискиот претседател Башар ал-Асад за помош во борбата против исламистичките групации како Исламска држава и Џенбхат ан-Нусра, сириското крило на Ал Каеда.

На обвинувањата дека во руските удари страдаат цивили и борци на сунитската сириска опозиција којашто ја поддржуваат САД и арапските земји од регионот, еден од руските воени портпароли Игор Климов во сабота изјави дека, руските авиони изведуваа напади врз цели кои се добро разузнавачки проверени, со прецизно наведувани проектили и далеку од населени места. Тој, исто така, ја отфрли можноста дека биле гаѓани позициите на сириската вооружена опозиција.

Во изминатите 24 часа авионите од составот на руските воздушни сили стационирани во Сирија од типот „Су-34“ и „су-24М“ извршиле над дваесет удри врз 9 цели на Исламската дражва, според портпаролот на руското министерство за одбрана Игор Конашенков.

„Со прецизни удари на бетон-бомби БЕТАБ-500 од авионит ‘Су-34“ во областа на градот Рака (во истоимената сириска покраина којашто е прогласена за престолнина на ткн калифатот што го прогласи Исламската држава во Сирија и во Ирак – з.м), е утврден команден центар на терористите, како и подземен бункер со склад за експлозивни материјали и муниција“, изјавил генералот Конашенков, кого го цитира агенцијата ТАСС.

Конашенков додал дека руските бомбардери извршиле прецизни удари врз логор на борците на Исламската држава во областа Маарет-ан-Мума, со наведуваните проектили КАБ-500, чијашто траекторија се коригира и од авионот и преку сателитскиот систем за навигација ГЛОНАСС.

„Според објективните процени, уништени се утврдувања на терористите, магацини со муниција, горива, како седум парчиња воена техника“, рекол Конашенков. Притоа прецизирал дека веројатноста за „отстапување од зададените координати на бомбите од типот КАБ-500 не надминува повеќе од пет метри“.

„Таквите и други високопрецизни оружја во текот на последните денови се користат точно врз инфраструктура на Исламската држава, за уништување на контролни и комуникациски центри и магацини, како и работилници во коишто се подготвуваат автомобили-бомби за изведување терористички напади“, додал портпаролот.

OhridNews
извор:„Макфакс“