Министрите за енергетика на Русија и на Турција, во присуство на претседателите на двете земји Владимир Путин односно Реџеп Тајип Ердоган, вчера во Истанбул потпишаа договор за изградба на гасоводот Турски тек, јавува „Макфакс“. Проектот беше запрен кон крајот на 2015 година со влошувањето на односите меѓу Москва и Анкара поради турското уривање на рускиот бомбардер на сириско-турската граница.
Рускиот претседател Владимир Путин по потпишувањето на договорот од страна на турскиот министер за енергетика и природни ресурси Берат Албарјак и неговиот руски колега Александр Новак, за новинарите истакнал дека притоа Русија и Турција се договориле за корекции на цените за испораките на гас во рамките на проектот Турски тек.
Според изјавата на челникот на рускиот енергетски гигант „Газпром“ Алексеј Милер, дадена пред потпишувањето на договорот, „договорот предвидува изградба на две линии од магистралниот гасовод по дното на Црното Море“ со капацитет од над 15 милијарди кубни метри гас секоја, кои би требало да бидат завршени во декември 2019 година. Инаку „Газпром“ претходно во септември објави дека веќе ги добил потребните дозволи од Турција за изведување на проектот.
Се претпоставува дека испораките на природен гас преку првиот цевковод ќе бидат наменети за потребите на турските потрошувачи, додека вториот е наменет за европскиот пазар, а неговото градење ќе биде овозможено откако ќе се добијат сите соодветни гаранции од Европската унија, за што неколкупати досега истакнаа од Москва.
Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган Ердоган на почетокот од август по вторпат за неполн месец се сретна со рускиот колега Владимир Путин во Санкт Петербург, три седмици по неуспешниот обид за воен преврат во Турција од 15-ти јули, со што дефинитивно беше надмината длабоката дипломатска криза меѓу двете земји предизвикана од турското уривање на рускиот бомбардер ланскиот ноември на сириско-турската граница, и на тој економски форум, Ердоган тогаш вети дека проектот Турски тек ќе биде реализиран „што е поскоро можно“.
Москва на крајот од 2014 година го стави на страна и проектот Јужен тек, кој исто така требаше да ја снабдува јужна Европа со руски гас заобиколувајќи ја Украина, како резултат на трите ткн „гасни“ војни последната деценија со Киев, поради постојаните забелешки на Европската комисија дека со него се кршеле правилата за конкурентноста и со Анкара го договори проектот Турски тек.
Проектот предвидува изградба на гасовод преку Црното Море до европскиот дел на Турција и натаму кон границата со Грција. Должината на поморскиот дел од проектот е околу 910 километри, а копнениот по турската територија изнесува 180 километри. Капацитетот на секој од четирите цевководи е планирано да биде 15,75 милијарди кубни метри гас,а вкупната вредност се проценува на 11,4 милијарди евра.
OhridNews
извор: „Макфакс“