Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров побара од Организацијата за европска безбедност и соработка (ОБСЕ), како и претходно Виталиј Чуркин, постојаниот руски претставник во Обединетите нации поведување истрага за убиствата на десетици лица при безредијата во украинскиот главен град Киев, убиени со истрели на снајперисти, истакнувајќи дека вистината и покрај премолчувањето не може да се сокрие, пренесува „Макфакс“.
Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров се повика на телефонскиот разговор меѓу високата претставничка на Европската унија за заедничка надворешна и безбедносна политика Кетрин Ештон, и естонскиот министер за надворешни работи Урмас Пает кој од Киев ја известува за сознанијата добиени од локална лекарка којашто вршела обдукција врз загинатите дека се убиени со исто оружје и оти се повеќе е јасно дека и vвистината не може да се сокрие.
„Најновите информации за тој случај на наводни снајперисти повеќе не може да се сокрива. Му предложивме на ОБСЕ да спроведе објективна истрага за тој случај и ќе сториме се да се утврди вистината. Има премногу лаги кои предолго се искористуваа за европската јавноста да биде погрешно насочена и кои не се засновани на факти“, изјави Лавров.
Рускиот амбасадор во ОН, Виталиј Чуркин, исто така во саботата во телевизиски настап изјави дека е неопходно да се спроведе објективна истрага за насилствата во Киев, во кои биле употребени и снајперисти. Изјави и дека веќе ја започнал таа тема на последното заседание на Советот за безбедност при ОН, истакнувајќи го транскриптот од разговорот меѓу шефицата на европската дипломатија и нејзиниот естонски колега.
„Како што беше наведено во договорот од 21-ви февруари, кој некои сега сакаат да го заборават, неопходно е да се спроведе истрага за настаните коишто доведоа до насилна промена на власта во Киев, особено во смисла на пројавените насилства“, рече Чуркин додавајќи дека „откако ќе се спроведе таквата истрагата, ќе се откријат многу интересни детали и не само за ангажирањето на опозициските снајперисти за нивни цели, туку и за тоа што стрелале во припадниците на безбедносните сили“.
„Ќе се дознаат многу интересни факти во врска со тоа кој ги подготвувал неколку седмици тие бунтовници, како ги обучувал, кој ги испратил тие борци во Украина кои го испровоцираа насилниот развој на ситуацијата во Украина“, рече уште Чуркин.
Рускиот дипломат истакна и дека истрагата е неопходна затоа што „многумина, велат, дека во САД не знаат ништо, бидејќи и на американските телевизии сликите беа сосема поинакви“.
Чуркин ја отфрли можноста на предлогот за истрагата да биде ставено вето „Таквата можност теоретски постои. Советот за безбедност, на пример, носи решение за спроведување каква и да е специјална истрага, но имајќи ја предвид позицијата на нашите западни колеги, сметам дека би било нереално тоа (ветото) да се очекува“, заклучи рускиот дипломат.
Западните земји ја обвинуваа интервентната полиција „Беркут“ којашто во меѓувреме новите власти во Киев ја распуштија, дека по налог на отстранетиот претседател Виктор Јанукович вршеле насилства и стрелале во демонстрантите во текот на февруари во безредијата во Киев, кога загинаа 90-ина луѓе, од кои најмалку 15 беа припадници на интервентната полиција, којашто последните два дена доби дозвола да биде вооружена со боева муниција.
Русија, пак, споменатиот телефонски разговор, кој очигледно бил прислушуван, но не е утврдено од кого, го предочува и како поткрепа на своето тврдење дека насилните протести во Киев кои започнаа кон средината на февруари, откако сосема спласнаа претходните мирни протести започнати ланскиот ноември откако Јанукович не ја потпиша Спогодбата за придружување на ЕУ, ги започнала опозицијата, како и дека новата украинска влада е составена и е под контрола на ултранационалистите од Десниот сектор кои треба да бидат наскоро промовирани како нова безбедносна структура.
Истапувањата на Лавров и на Чуркин во саботата, исто така, ја покажуваат цврстата определеност на Москва овој случај да биде истражен.
Станува збор за во средата појавената на интернет снимка од телефонскиот разговор од 26-ти февруари на естонскиот министер за одбрана Урмас Пает, по неговата посета на Киев, и високата претставничка на Европската унија за заедничка надворешна и безбедносна политика, Кетрин Ештон, во којашто се дискутира за наодите на украинските лекари коишто вршеле обдукција на убиените во протестите од судиите во Киев. Според шефот на дипломатијата на Естонија, „сите докази укажуваат дека сите убиени од двете страни, и од полицијата и меѓу цивилите, се убиени од ист снајпери”.„Сега постојат уште посилни индиции дека зад снајперисти не стоеше Јанукович, туку некој од новата коалиција”, истакнува Пает во еден дел од разговорот и забележува дека новите власти во Киев воопшто не сака да го истражува тоа. „ „Па да…тоа е, тоа е ужасно…. Мислам дека треба да покренеме истрага за тоа… Досега не сум го слушнала тоа, а е многу интересно. Боже…”, одговара Ештон на снимката, но забележува дека лекарката која ги дала тие информации сепак не е политичарка и брзо го свртува разговорот на друга тема.
Минатиот викенд во руските медиуми се појави снимката со притворен млад човек во градот Берјанск повраќањето од Украина, кој тврди дека во безредијата во Украина учествувале странски платеници од САД, Германија, Турција итн, а оти самиот тој наводно бил ангажиран од опозицијата како „руски снајперист”.
Според постојаниот претставник на Русија во ОН, за време на состанокот одржан четвртокот навечер во Советот за безбедност при светската организација зад затворени врати, тој им го свртел вниманието на претставниците на другите делегации на споменатиот телефонски разговор, за кој Брисел не даде никакви изјави, додека естонската страна ја потврди автентичноста.
„Прво министерот потврди дека тоа навистина се негови зборови. Второ, тој запис предизвика загриженоста кај некои европски и руски медиуми, но беше сосема игнориран од американските”, рече во четвртокот Чуркин.
Рускиот дипломат, исто така, ги истакнал и информациите коишто дошле од Киев за тепањето на членови на украинската Врховна Рада (парламентот), што исто така се содржи во записот од телефонскиот разговор меѓу Ештон и Пает објавен на YouTube. „Тешко е да се замисли како парламент, кој работи во такви услови, мое да се смета за легитимен”, истакна Чуркин.
OhridNews
извор:„Макфакс“