Жителите во украинскиот главен град Киев трето утро се будат од експлозии и сирени за напади, додека борби почнаа и во самиот град.
Експлозии во текот на ноќта/утрото: Експлозии се регистрирани денеска во главниот град Киев, по неколкудневни тешки борби на периферијата додека руските трупи напредуваа кон градот. Истрели има и во близина на центарот на градот.
Обраќање на Зеленски: Во националното обраќање украинскиот претседател Володимир Зеленски вети дека Украинците ќе останат и ќе се борат за својата земја, и ја обвини Русија дека цели на цивилната инфраструктура.
Мировни преговори: Портпаролот на Зеленски рече дека претседателот го прифатил рускиот предлог за преговори и дека е подготвен да разговара за мир и прекин на огнот.
Состанок на Советот за безбедност на ОН: Синоќа Русија стави вето на резолуцијата на Советот за безбедност на ОН со која се осудува инвазијата на Украина. Кина, Индија и Обединетите Арапски Емирати беа воздржани од гласањето. По гласањето, 50 земји издадоа заедничка изјава во која се вели дека Русија ја злоупотребила својата моќ во блокирањето на резолуцијата.
Се натрупуваат санкциите: САД и Канада објавија санкции за рускиот претседател Владимир Путин и рускиот министер за надворешни работи Лавров, придружувајќи им се на Европската унија и Велика Британија во тите потези.
Зеленски: Се уште сум тука, нема да го оставиме оружјето
Украинскиот претседател Зеленски утрово објави уште едно видео од центарот на Киев.
Има многу лажни информации на интернет дека ја повикувам нашата армија да го остави оружјето и дека има евакуација. Јас сум тука. Нема да го оставиме оружјето. Ние ќе ја браниме нашата држава бидејќи нашето оружје е нашата вистината, рече тој.
Тој ги осуди тврдењата дека се предал или побегнал.
Граната погоди станбена зграда во централниот дел од Киев, има жртви
Украинската државна служба за итни случаи соопшти дека граната испукана од руските сили погодила станбена зграда во центарот на Киев.
Зградата се уште гори утрово и има огромна штета – уништени се повеќе домови. Не е познат бројот на жртвите. Пожарникари им помагаат на повредените.
Лидерите на Полска, Литванија и Германија на состанок во Берлин за санкциите кон Русија
Лидерите на Полска, Литванија и Германија ќе се сретнат денеска во Берлин за да разговараат за санкциите кон Русија, објави на Твитер портпаролот на полската влада Пјотр Мулер.
„На иницијатива на премиерот Моравјецки денеска ќе се одржи состанок во Берлин. Премиерот Моравјецки заедно со претседателот на Литванија Гитанас Наузеда ќе разговараат со германскиот канцелар Олаф Шолц“.
„Европската унија мора веднаш да усвои пакет остри санкции против Русија.
„Оваа војна ќе трае“, предупредува францускиот претседател Макрон за Украина
Светот мора да се подготви за долга војна меѓу Русија и Украина, откако Москва започна инвазија на својот прозападен сосед, предупреди денска францускиот претседател Емануел Макрон.
„Ако можам да ви кажам една работа утринава, тоа е дека оваа војна ќе трае… Оваа криза ќе трае, оваа војна ќе трае и сите кризи што доаѓаат со неа ќе имаат трајни последици“, рече Макрон на годишниот саем за земјоделство во Франција.
Тој упати предупредување: „Мора да бидеме подготвени“.
OhridNews
извор.МИА