Руското знаме и химна нема да бидат присутни на настаните како што се Олимписките игри во Токио 2020 и Светското фудбалско првенство во Катар 2022 година.
Но спортистите кои ќе докажат дека не се дел од допинг скандалот ќе можат да се натпреваруваат под неутрално знаме. Извршниот комитет на ВАДА на состанок во Лозана донесе одлука за четиригодишна суспензија на Русија.
Казната доаѓа поради манипулација на Руската анти-допинг агенција (Русада) со лабараториски резултати кои им беа предадени на истражителите во јануари 2019.
Русија и претходно беше суспендирана. Вкупно 168 спортисти од оваа земја се натпреваруваа под неутрално знаме на Зимските олимписки игри во Пјонгчанг 2018 откако беше откриена манипулација со допинг резултатите за време на Олимписките игри во Сочи 2014.
Русија ќе може да настапува со своето знаме и химна на Европското првенство 2020 каде домаќин е и Сент Петерсбург бидејќи овој шампионат кој го организира УЕФА не се смета за голем спортски настан во правилникот на ВАДА.
OhridNews