Русија денеска за првпат од почетокот на војната во Украина, пред четири дена, призна дека има жртви во своите редови, јави ДПА.

Руските војници покажуваат храброст и херојство во извршување на специјалната операција, изјави портпаролот на Министерството за одбрана, Игор Конашенков, пренесе агенцијата ТАСС. „За жал, меѓу нашите соборци има загинати и повредени.

Конашенков не даде точни бројки, но нагласи дека загубите се многукратно помали од бројот на „истребени националисти“ на украинската страна.

Украина денеска информира дека досега се убиени околу 4.300 руски војници. Меѓутоа, овие бројки не можат да се потврдат од независни извори.

Денисова: Повеќе од 210 Украинци убиени и над 1.100 ранети во руската инвазија

Повеќе од 210 Украинци се убиени, а над 1.100 се ранети откако Русија ја почна инвазијата врз Украина, соопшти денеска Канцеларијата на Народниот правобранител на Украина, пренесе Укринформ.

На почетокот на четвртиот ден од војната, повеќе од 210 украински граѓани беа убиени, а повеќе од 1.100 се ранети, изјави комесарката за човекови права на украинскиот Парламент, Лидмила Денисова, која додаде дека од почетокот на руската инвазија секојдневно се регистрираат цивилни жртви.

Според Народната правобранителка, непријателот со невидена досега бруталност уништува куќи, болници, градинки и училишта, лишувајќи го правото на живот на синовите и ќерките на украинската земја, дури и на децата.

Не постои ниту една норма на акт на меѓународното хуманитарно право што Русија не ја прекрши за време на нејзината инвазија на Украина. И за сите овие злосторства мора да сноси најстрога одговорност. Украина ги евидентира сите факти и ќе ги поднесе пред воениот трибунал во Хаг, рече Денисова.

Украинската омбудсманка ја повика меѓународната заедница и украинските партнери да продолжат да ги зајакнуваат економските и финансиските санкции против Русија за итен прекин на непријателствата и геноцидот врз украинскиот народ.

Ние сме ви благодарни за одлуката да го исклучите агресорот од SWIFT. Следниот чекор треба да биде воведување зона на забранети летови над Украина, што ќе помогне да се избегнат воздушните напади врз цивилни цели. Украина се бори! Украина ќе победи”, рече Денисова, пренесе Укринформ.

OhridNews