Русија разговара за потенцијална „гасна унија“ со Казахстан и Узбекистан со цел да го зголеми снабдувањето со гас меѓу трите земји и да им го понуди на други клиенти, вклучително и Кина, јавија денеска некои руски медиуми цитирајќи изјава на рускиот вицепремиер Александер Новак.

Новак не објаснил што ќе значи гасната унија ниту во која фаза се разговорите. Портпаролот на казахстанскиот претседател Касим-Жомарт Токаев денеска изјави дека рускиот претседател Владимир Путин му ја предложил идејата на Токаев на состанокот во понеделникот, но ниту тој не соопшти никакви детали.

Русија е главен извозник на природен гас, а Узбекистан и Казахстан произведуваат приближно онолку колку што трошат. Двете земји се поврзани со гасовод со Русија, а низ двете поминува посебен гасовод на пат кон Кина.

Но, двата гасоводи главно црпат гас од Туркменистан, додека Казахстан и Узбекистан никогаш не пријавиле транзитни испораки на руски гас до Кина или која било друга земја.

OhridNews