Руската војска денеска објави дека назначува нов командант на своите „специјални воени операции“ во Украина по серијата загуби на теренот.

Армискиот генерал Сергеј Суровикин е назначен за командант на комбинираните воени групации во зоната на специјални воени операции во Украина, соопшти денеска руското Министерство за одбрана преку Телеграм.

Суровикин (55) е ветеран од граѓанската војна во Таџикистан во 1990-тите, втората војна во Чеченија во 2000-тите и руската интервенција во Сирија започната во 2015 година.

Досега тој командуваше со групата Јужни сили во Украина, според извештајот на руското Министерство во јули.

Како што пренесуваат странските агенции, Москва ја објави одлуката за назначување нов командант, по серијата порази на руската армија во Украина.

На почетокот на септември, руските сили беа истиснати од поголемиот дел од регионот Харков во североисточниот дел на земјата во украинската контраофанзива во која Киев поврати илјадници квадратни километри територија.

Руските војници, исто така, изгубија 500 квадратни километри во регионот Херсон во јужна Украина и го избегнаа опкружувањето во Лиман, логистички центар кој сега е во рацете на Киев.

Соопштението е објавено на денот кога експлозија делумно го уништи Кримскиот мост, клучна инфраструктура за снабдување на полуостровот што Москва го анектираше во 2014 година, како и за снабдување на руските сили во Украина.

OhridNews