Газпром експорт“ од четврток ја стопира испораката на гас за Бугарија, а бугарскиот министер за енергетика Александар Николов за утре закажа прес-конференција во врска со оваа мерка, јави дописникот на МИА од Софија. Бугарското Министерство за енергетика соопшти дека до овој момент во земјата не се воведуваат ограничувања за користење на гас.

Бугарските медиуми јавуваат дека Министерството за енергетика, бугарскиот енергетски холдинг „Булгаргаз“ и „Булгартрансгаз“ презеле мерки за алтернативни набавки на гас и за справување со ситуацијата.

До овој момент Бугарија ги исполнила целосно своите обврски и ги извршила сите плаќања, согласно постоечкиот договор за доставување на гас од Русија. Договорот за доставување руски гас за Бугарија истекува во декември оваа година, нагласуваат медиумите во Софија.

Бугарија е втората држава од ЕУ, за која Русија го запре доставувањето на гас, откако претходно оваа мерка беше воведена кон Полска.

Испораките на руски гас за Полска сега се обновени откако беа прекинати рано утринава, јави Би-Би-Си.

Во еден момент рано утрово, физичките текови на гас долж гасоводот Јамал-Европа од Белорусија до Полска паднаа на нула, но потоа испораките на гас продолжија.

Полска вчера објави дека добиле порака од Русија дека од денеска ќе го прекинат снабдувањето со гас, откако Варшава одби да почне да плаќа за испораките во руски рубљи.

OhridNews