Руски спасувачи ќе полетаат за Сирија и Турција по катастрофалниот земјотрес во кој досега е регистрирано дека загинаа околу 2.300 луѓе, а илјадници се повредени, соопшти денеска Кремљ, пренесе Хина.
Како што претходно јавивме, претседателот Владимир Путин во текот на денот телефонски разговараше со сирискиот претседател Башар ал-Асад и турскиот колега Таип Ердоган и изрази сочувство за смртта и уништувањата од земјотресот, чија јачина на ударот беше 7,8 степени според Рихтеровата скала, и е најлошиот земјотрес што ја погодил Турција во овој век.
Притоа рускиот претседател понуди да испрати спасувачки тимови и во Турција и во Сирија.
Башар ал Асад со благодарност ја прифаќа понудата и во следните неколку часа спасувачите од руското Министерство за вонредни ситуации ќе летаат за Сирија, соопшти Кремљ, пренесе хрватската агенција.
Турскиот претседател срдечно му се заблагодари на Владимир Путин за неговата брза и искрена реакција и рече дека дава инструкции до надлежните органи во земјата да ја прифатат помошта од руските спасувачи, се додава во соопштението.
Русија соопшти дека во готовност за полетување во двете земји има спасувачки авиони „Иљушин-76“.
Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу им нареди на руските сили во Сирија да помогнат во спасувачките напори. Министерството за одбрана соопшти дека 300 руски војници и 60 возила веќе помагаат во расчистувањето на урнатините во погодените подрачја во близина на турската граница.
Русија има поморска база во Тартус, на сирискиот брег, и управува со воздухопловната база „Хамејм“, северно од Тартус.
OhridNews