Руската Федерација ја обвини Словачка дека го прекршила договорот со испраќањето борбени авиони МиГ-29 од советско производство во Украина.

Според договорот потпишан во 1997 година, на Словачка не и беше дозволено да испраќа авиони во друга земја без согласност на Русија, соопшти федералната служба за воено-техничка соработка во Москва.

Руските власти соопштија дека тоа е непријателски чин и дека Братислава ги прекршила меѓународните обврски од договорот, кои беа објавени на веб-страницата на руското Министерство за надворешни работи.

Словачкото раководство, кое се соочува и со критики од опозицијата за испраќањето на авионите, се уште јавно не реагираше на обвинувањата на Москва, кои претходно ги изнесе и руската амбасада во земјата.

Словачка испрати четири авиони во Украина, а ќе испрати дополнителни девет во текот на следните неколку недели, соопшти Министерството за одбрана за германската новинска агенција ДПА.

Три од вкупно 13 авиони не се во функција и ќе се користат за резервни делови.

Повеќето од МиГ-овите беа испратени од Советскиот Сојуз во Чехословачка кон крајот на 1980-тите. По распадот на државата, Чешка и Словачка ги поделија авионите меѓу себе, при што Словачка доби дополнителни примероци од Русија во 1990-тите.

OhridNews