Републичкиот судски совет (РСС), го отвора случајот Морли. РСС ќе ја оценува законитоста на постапката во случајот со британскиот државјанин кој се сомничи за предизвикување на сообраќајната несреќа што се случи минатата недела на излезот од Струга, по која како последица на тешките повреди починаа сопружниците Владимир и Маргита Чепуњоски.
Претседателот Бекир Исени и членовите на РСС, Рушка Папарова и Љубен Алексиески, денеска остварија средба со престедателот на струшкиот суд Ади Усеини, истражнииот судија Зеадин Ислами и заменик јавниот обвинител Руи Зиба од кои била побарана документацијата за случајот и се информирале за начинот на кој е водена постапката.
“Еден од нас ќе реферира пред РСС , а потоа судот ќе се произнесе за случајот“, изјави по средбата претседателот на РСС“, Бекир Исени.
Прво се гледаат списите и доказите и врз основа на тоа се одлучува. “Ниту јавноста ниту новинарите, ниту било кој може да врши притисок врз нашата институција“, рече Исени.
Тој не можеше да прецизира кога би можело да се одржи седницата на која ќе се одлучува за слушајот Морли, но веројатно тоа ќе се случи во наредните две недели.
Исени на кого пожарникарите му се налутија за вчерашната изјава, денеска уште еднаш и порача на извршната власт да не се меша во судството. “Тие нарачале утре да имаме седница и да одлучуваме за случајот од Основниот суд во Струга. Пожарникарите трчаат кога има пожар ние работиме побавно“ рече Исени.
Адвокатот на семејството Чепуњоски, Ѓоко Томоски, на новинарите денеска им потврди дека ќе бидат покренати две одделни постапки за отштета против Николас Морли и државата. “Верувам во институциите на системот и по завршувањето на процесот во кој ќе се утврди виновникот за несреќата, дополнително ќе ги преземеме потребните дејствија за остварување на оштетно побарување“, рече Томоски.
Г. Момироски