Сите возачи треба да бидат свесни за последиците што ги носи неисправното и нерегистрираното возило, велат од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.

Бројот на возила во Република Македонија е во постојан раст и тој број веќе надминува 550.000возила. Зголемениот број возила значи и зголемен интензитет на сообраќајот, а со тоа се зголемува и потенцијалниот ризик од сообраќајни незгоди. За жал, паралелно со зголемување на бројот на возила, расте и бројот на нерегистрирани, технички неисправни и неосигурани возила кои активно учествуваат во сообраќајот. Според проценките на осигурителните компании, во Република Македонија, околу 40.000 нерегистрирани и неосигурани возила, активно учествуваат во сообраќајот на патиштата и претставуваат закана за безбедно одвивање на сообраќајот.

За учество во сообраќај на патиштата, возилата задолжително треба да бидат регистрирани, да имаат важечка сообраќајна дозвола или важечка потврда за пробно возење и треба да бидат означени со пропишани регистарски таблици. Непочитување на оваа законска одредба се санкционира со парична казна од 500 евра во денарска противвредност. Полицискиот службеник ќе го исклучи од сообраќај возилото што не е регистрирано, за кое не е продолжен рокот на важност на сообраќајната дозвола, за кое е утврдена техничка неисправност, за кое нема пропишани регистарски таблици или кое нема налепница за извршена регистрација.

РСБСП потенцира дека технички неисправните и нерегистрираните возила се извор на опасности во сообраќајот. „Затоа проверете ја техничката исправност на возилото и регистрирајте гона време. Без изговори, без оправдувања! Не ризикувај многу за малку!Во сообраќајот нема место за неисправни и нерегистрирани возила!“, порачуваат од советот.

OhridNews