Во летниот период, за време на годишните одмори, во услови на зголемена сообраќајна фреквенција, високи температури и опуштена атмосфера, се зголемува ризикот за влошување на безбедноста на сообраќајот на патиштата. Статистичките податоци покажуваат дека во летниот период, односно во летните месеци, доаѓа до речиси двојно зголемување на бројот на загинати и повредени лица во сообраќајни незгоди во однос на останатите месеци од годината. Дополнително ризикот се зголемува кога станува збор за празници односно за продолжен викенд во сезона на годишни одмори, а токму такви се деновите кои доаѓаат, предупредува Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата – РСБСП.

Во пресрет на празникот Илинден РСБСП апелира до сите учесници во сообраќајот на совесно, одговорно и пред сѐ безбедно учество во сообраќајот.

Намалете ја брзината и возете одговорно. Не управувајте и немојте ниту да започнете да управувате моторно возило доколку имате консумирано алкохол. Останете смирени и безбедни и во ситуација на сообраќаен метеж. Немојте да возите слалом, да пристигнувате на полна линија или да пристигнувате колона на возила. Бидете фокусирани и концентрирани во сообраќајот, гледајте во коловозот и не користете мобилен телефон за време на управувањето со возилото. Држете безбедно растојание помеѓу возилата. Возете одморени, со претходно испланирано патување и со редовни паузи за време на патувањето. Направете техничка проверка на возилото и бидете сигурни дека вашето возило е подготвено за безбедно патување. Користете сигурносен појас и соодветно детско седиште. – потсетува РСБСП.

Без разлика на кој начин учествувате во сообраќајот – возач, мотоциклист, велосипедист или пешак, најважно од се е безбедно да пристигнете до саканата дестинација. порачува РСБСП.

OhridNews