Ниските температури, снегот и мразот можат да создадат опасни услови на патиштата кои бараат повнимателно возење заради осигурување безбедност на сите учесници во сообраќајот. Ваквите неповолни временски услови влијаат врз многу аспекти на возењето, како на пример на времето на сопирање, состојбата на гумите, прегледноста на возењето во автомобил со замрзнати или замаглени стакла (зголемување на „мртвите агли“), возачките способности и сл. Затоа од особена важност е подготовката и на возилото и на возачите за возење во зимски услови, велат од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.


Додаваат дека битно е да се почитуваат совети за безбедно возење во зимски услови кои опфаќаат користење задолжителна зимска опрема, техничката исправност на возилото, безбедносниот појас секогаш да биде заврзан.

Излезете од дома десетина минути порано за да имате време да го загреете автомобилот, да ги одмрзнете стаклата или да ги исчистите гумите од снег и мраз. Возете на поголемо растојание од другите возила и одбегнувајте остри и ненадејни движења. Почитувајте ја брзината на возење, посебно во близина на пешачки премин, училишта и градинки. Немојте да забрзувате и нагло да кочите бидејќи ваквите постапки ќе доведат до лизгање Кочете порано и имајте на ум дека мора да ја попуштите кочницата за да управувате и вртите. Во зимски услови на возење, сопирачкиот пат е за 50% подолг отколку во нормални услови, велат од РСБСП.

Додаваат дека секогаш треба да се биде трпелив и да се претекнуваат возилата исклучиво кога тоа е безбедно. Во текот на возењето се препорачува лесна контрола врз гасот. Во зимските услови подобро е порано да се смени степенот на пренос, односно порано менување во поголема брзина.

На замрзнати површини се препорачува возење во втора брзина. Добро е во автомобилот да имате мала лопата, малку песок, крпа за бришење, метличка за чистење на снегот од стаклата, антифриз, спреј против замрзнување на стаклата и спреј за брави. Бидете информирани за состојбата на патиштата, велат од РСБСП.

Порачуваат дека во зима секогаш треба да се има полн резервоар, без разлика дали сте заглавени во градскиот метеж или имате незгода на пат, бидејќи доволното количество гориво во резервоарот ќе ви ја осигура топлината која ќе ви биде потребна за безбедно да стигнете до посакуваната дестинација.

OhridNews