Автомобилот треба добро да се подготви за зимата, а при возење во зимски услови, кога патот е исклучително лизгав, најважна е смиреноста и внимателното ракување на возачот со командите затоа што ненадејните и остри маневри се контрапродуктивни, велат од Републичкиот совет за безбедност на патиштата во сообраќајот и упатувааат совети за управување на автомобил во зимски услови
Пред вклучување на шоферите во сообраќај, од РСБСП советуваат да го направат следното:
Седнете правилно и обезбедете си добра видливост – Правилното седење е основа за безбедно возење во какви било услови, а особено е важно кога се предизвикувачки, како во зима. Затоа, не „легнувајте“ зад воланот, не спуштајте го наслонот на седиштето , бидејќи во оваа положба не можете да реагирате ниту брзо ниту адекватно.
Потпирачот за грб треба да биде поставен колку што е можно поисправено и доволно оддалечено од воланот, така што кога ќе го достигнете горниот дел од воланот, тој да стигне до зглобот на вашата рака. Прилагодете го растојанието помеѓу седиштето и воланот така што левата нога ќе е речиси целосно испружена кога ќе се притисне куплунгот.
Направете си удобност. Во зима, поради студот, обично носиме гломазни, тешки и дебели чевли и облека. Сето тоа е во спротивност со принципите на безбедно возење. Важно е да го чувствувате автомобилот што е можно подобро. Вкочанетите и тврди зимски чевли и подебелата облека ве ограничуваат во движењата и брзината на реакцијата во исто време, што може да биде пресудно за безбедно возење во зима. Затоа, штом се загрее кабината во автомобилот, бидете удобни. Доколку возењето е подолго, размислете да користите дополнителен пар меки чевли само додека возите.
Додатоци – Покрај задолжителната стругалка за мраз или спреј за одмрзнување стакло, во багажникот корисно е да ставите и некои други додатоци кои би можеле да ви бидат од помош во зима (на пример: стари ракавици и ќебиња во случај да треба да менувате гума). Чадорот е нешто што во секој случај би било корисно да се има во автомобилот, а ако сакате да ја зачувате внатрешноста на вашиот автомобил, корисно е да купите гумени теписи кои собираат влага која ја внесуваме во автомобилот со чевлите.
Исчистете ја шофершајбната од надвор – За добра прегледност од позицијата на возачот, прво треба да ја исчистите шофершајбната која во зима може да биде замрзната или покриена со снег. Притоа ветробранското стакло треба да се чисти цело, а не само во средината.
OhridNews