Возачите на мотоцикли кои учествуваат во сообраќајни незгоди често завршуваат со  лесни или тешки последици, а и процентот на смртни случаи е вознемирувачки висок. Поради нивната  директна изложеност кон надворешната околина, веројатноста од смртни случаи при сообраќајни незгоди со мотоцикли и мопеди е повеќепати поголема во однос на сообраќајните незгоди во кои учествуваат останатите моторни возила. Затоа од огромно значење e носењето на заштитна опрема, порачуваат од Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот.

Студиите велат дека во случај на сообраќајна незгода најподложни на повреди се главата, нозете и рацете на возачот на мотоцикл. Согласно тоа, од исклучителна важност е носењето на заштитна опрема како што се  кациги, заштитни пантолони, јакни, обувки, ракавици, очила и друго.

Носењето на заштитна опрема и облека, не само што штити и спречува телесни повреди, туку и служи да ги засолни мотоциклистите од надворешни влијанија, како што се: силна сончева светлина, ветрови, дождови, или пак инсекти и ситни камења исфрлени во воздухот од тркалата на други возачи непосредно пред нив. Заштитната опрема, честопати е и рефлектирачка, што ја зголемува видливоста на мотоциклистот кај другите учесници во сообраќајот со што дополнително се намалува ризикот од сообраќајна незгода.

Високите температури создаваат одбивност кај некои мотоциклисти за носење на заштитна опрема, затоа што може да создава чувство на задушливост, особено во летните денови кога температурите се енормно високи, но сепак оваа непријатност не треба да е причина за да се ризикува, додаваат од РСБСП.

Се апелира до сите возачи на мотоцикли и мопеди, задолжително да носат заштитна опрема и да ги почитуваат сообраќајните  правила и прописи, со цел  да се избегнат несакани последици и пред сè да се заштитат самите себе. Биди вистински мотоциклист, безбедноста нека ти биде на прво место, носи заштитна опрема – порачуваат од РСБСП.

OhridNews