Временските услови влијаат на безбедното одвивање на патниот сообраќај и Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) апелира до учесниците во сообраќајот да бидат внимателни, одговорни и подготвени за безбедно управување на возилото при услови на влажни коловози и пониски температури при есенски и зимски услови на патиштата.

РСБСП ги потсетува возачите да ги подготват своите возила за возење во есенски и зимски услови, со особен акцент на следното:

НАМАЛЕТЕ ЈА БРЗИНАТА
Во услови на ниски температури и обилни врнежи од дожд или снег, појавите на голомразица на патот, влажни и лизгави коловози се очекувани, особено доколку патувате во раните утрински или доцните вечерни часови. Затоа бидете внимателни, прилагодете ја брзината според условите на патот и запомнете дека најважно од сѐ е живи, здрави и безбедни да пристигнете на посакуваната дестинација.

ДРЖЕТЕ БЕЗБЕДНО РАСТОЈАНИЕ
Лошите временски услови и непогодната состојба на коловозите влијаат на сопирачкиот пат на возилото. Затоа, држете безбедно растојание и внимавајте на однесувањето на другите учесници во сообраќајот.

БИДЕТЕ ПРЕДВИДЛИВИ
За безбедно одвивање на сообраќајот при дожд, влажни и замрзнати коловози особено е важно вашите постапки во сообраќајот да бидат најавени, очекувани и предвидливи. Согласно тоа, редовно користете трепкачи и избегнувајте нагли дејствија, како нагло свртување, нагло запирање, успорување или забрзување на возилото.

ВОЗЕТЕ ВНИМАТЕЛНО ВО УСЛОВИ НА МАГЛА
Секогаш кога се движите низ магла, прво намалете ја брзината и вклучете ги соборените светла и светлата за магла (доколку поседувате такви светла). Почитувајте ги ограничувањата на брзината и не престигнувајте други возила сè додека вашето видно поле не стане чисто и прегледно, а вашето престигнување безбедно.

НАПРАВЕТЕ ТЕХНИЧКА ПРОВЕРКА НА ВОЗИЛОТО
При есенски услови на патот посебно важно е да управувате технички исправно возило. Искуствата покажуваат дека при пониски температури и влажни и лизгави коловози на површина излегуваат сите неисправности на возилото. За ваша безбедност, за безбедно и непречено пристигнување на посакуваната дестинација, направете редовна зимска проверка на возилото со посебен акцент на проверка на системот за управување, системот за запирање, пневматиците, електрониката и сл.

РСБСП уште еднаш потсетува дека безбедноста во сообраќајот зависи од секој од нас и доколку сите бидеме внимателни и одговорни во сообраќајот и ги почитуваме сообраќајните правила и прописи, тогаш бројот на сообраќајни незгоди и бројот на загинати и повредени лица во сообраќајни незгоди значително ќе се намали.

OhridNews