Брзината е идентификувана како клучен фактор на ризик за безбедноста во патниот сообраќај, кој влијае и на ризикот од сообраќајни незгоди, како и на сериозноста на повредите кои се резултат на сообраќајни незгоди.

Од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата велат дека брзото возење и понатаму останува доминантна причина за предизвикување на сообраќајни незгоди со фатални последици.

Науката и статистиката покажуваат дека сопирачкиот пат на возило кое се движи со брзина од 50 км/ч е 26 метри, додека сопирачкиот пат на возило со брзина од 60 км/ч е 34 метри. Разликата од 10 км/ч е всушност разлика помеѓу живот и смрт. Токму тоа беше и причината најголемата дозволена брзина во населено место во изминатите години да се намали од 60 км/ч на 50 км/ч. Брзината од 10 км на час над дозволената го зголемува растојанието на сопирање на возилото во просек за 10 метри, што може да биде фатално, особено во населени места, појаснуваат од РСБСП.

Затоа, според нив, е важно да се намали просечната брзина во населени места и на регионалните патишта со цел да се подобри безбедноста во сообраќајот.

Според резултати од странски истражувања, со намалување на просечната брзина за само 1 км на час, бројот на сообраќајни незгоди во населено место би се намалил за 4 проценти, а бројот на сообраќајни незгоди надвор од населено место би се намалил за 2 проценти. Фактот дека побавното возење е побезбедено се потврдува и со фактот дека веројатноста за смртност на пешаците при удар на возило кое се движи со брзина од 50 км на час е 85 проценти, додека веројатноста пешак да загине при удар на возило кое се движи со брзина од 30 км на час е помалку од 10 проценти, нагласуваат од РСБСП.

Оттаму апелираат до возачите да бидат одговорни и да ги почитуваат правилата за ограничување на брзината.

OhridNews