Во животот на христијаните, посебно значајно место зазема ликот на Пресвета Богородица, мајката на Исус Христос. Македонскиот народ секогаш со достојно внимание прославува неколку празници поврзани со името на Пресвета Богородица: Мала и Голема Богородица, Воведение на Пресвета Богородица, Благовештение, Богородичин појас, Покров на Пресвета Богородица, Собор на Пресвета Богородица и др.
Народот верува дека Света Богородица е заштитничка на леунките. Исто така, се верува дека таа им помага и на жените што немаат деца. Затоа овие жени оделе во црквите посветени на Богородица и се молеле пред нејзините икони. На пример жените од Дримкол оделе во манастирот во Калишта за со прст да ја занишаат минијатурната сребрена лелејка што стоела пред иконата на Богородица.
Родителите на Света Богородица Јоаким и Ана биле меѓу малкуте праведни луѓе во Назарет во тоа време. Биле многу побожни и добри. Ги помагале сиромашните и болните, а ги советувале младите. Но биле многу несреќни затоа што немале деца. Во тоа време се сметало дека бездетството било последица на божја казна за сторен грев, па и за нив се сомневале дека кријат некој голем грев. Јоаким и Ана постојано го молеле Бога да им даде рожба и да го симне срамот од нивниот образ, ветувајќи дека ќе ја воспитуваат во вистински благочестив дух и дека ќе ја дадат во црквата да служи.
И навистина Бог ги слушнал молитвите на Јоаким и Ана и по ангелот пратил вест дека ќе добијат женско чедо кое ќе се прослави. Така им се родила ќерка која поради тоа што била измолена со многу солзи и ставиле име Марија што значело горчлива вода или солза.
Во чест на денот на раѓањето на Марија, Богородица, мајката на Исус Христос, христијанската црква го востановила празникот Мала Богородица.
Јасминка Т. Момироска