Препознатливите производи од ростфрај за домаќинство од брендот „Братство“ Охрид, повторно ќе го освојуваат  македонскиот пазар и пазарите во земјите на поранешна Југославија. Ова се должи на фактот што неодамна дел од металната индустрија  „Братство“ во Охрид, доби нов сопственик кој го рестартираше поголемиот  дел од производството во фабриката.

Нов сопственик на фабриката Братство е фирмата „Андрос“ од Охрид, која долги години работи со производство на  хемиски производи  за домаќинство и козметика. Оваа фирма ја  откупи фабриката на третиот јавен тендер, објавен во рамки на Стечајната постапка на фирмата „Братство“.

“Братство“ беше фирма која буквално беше пред  ликвидација, а на првите два јавни тендери за продажба, никој не покажа интерес. Ние како заинтересирани купувачи се пријавивме на третиот тендер, кој во суштина беше и последната надеж на оваа фирма. Доколку не го откупевме овој дел од фабриката кој беше на продажба, машините и алатите кои истата ги поседува и се во добра функција, ќе се распродаваа на делови за старо железо.-објаснува Славчо Андрески, новиот генерален директор на „Братство“ Охрид.

Тој вели дека рестартирани се три производствени погони, а на работа во фабриката се вратени околу 40 работници, кои го започнале  производството  на  дел од препознатливите росвајтни производи за домаќинство.

Набавивме најквалитетни суровини за производство. Првата пратка од суровината е веќе пристигната и речиси сите производствени машини се ставени во функција. Поголемиот дел од машините беа добро сочувани и одржани, така што не ни требаше долг период да ги приспособиме за повторно производство. Се надеваме  дека за кратко време ќе имаме потреба од ангажирање на поголем број работници во фабриката. -вели  Андрески, додавајќи дека за почеток започнале со производство на традиционалната линија на производи од тенџериња, тави, послужавници, тањири и поситни садови за домаќинство,  кои според него за кратко време ќе добијат нов и современ дизајн.

Значи квалитетот на производите од „Братство“ останува ист, но според барањата на пазарот,  ќе се работи на подобрување на дизајнот на производите. Значи се планира да се модернизира производството со нови калапи и алати за машините. Во тек се преговори за набавка на уште една голема преса за производство, која значително ќе го осовремени и олесни начинот на работа. Исто така во  иднина планираме да инвестираме во една нова линија на производи од инокс,  кои ќе бидат наменети за опремување на кујни по Хасап стандардот. -вели Андрески.

Тој очекува дека олеснителна околност во пласманот на ростфрајните производи е тоа што „Братство“ е своевиден бренд во металската индустрија и е единствена  фабрика од ваков вид во Македонија.

-Покрај тоа што е единствена во Македонија, фабриката „Братство“ со производството на големо литражните  садови од  70 литри, наменети за рестораните и хотелите и  со термо садовите кои се користат во армиите, е единствена и во региониот. За почеток планираме пласман на домашниот пазар и во соседните земји, но со тек на време ќе ги понудиме нашите производи и надвор од Балканските простори. -вели Андрески.

Познавачите на економските состојби од Охрид велат дека рестартирањето на фабриката „Братство“ ќе биде добра можност за заживување и за реактивирање на еден од столбовите на охридското  стопанство. Фабриката „Братство“ во најдобрите времиња работела со преку 600 вработени.

Е.Е.