Ромпуј рече дека влезот на Македонија во ЕУ е многу важен чекор за земјата.
Вложувањето на големи напори за имплементација на сите реформи за влез во ЕУ, како што рече тој, ќе значи добивање на позитивен извештај за Македонија од страна на Европската комисија во ноември.
Тој потсети дека оствари средби со сите лидери од регионот и изрази верување дека проширувањето на ЕУ ќе почне токму од регионот.
Претседателот Иванов рече дека од голема важност, не само за македонските граѓани, туку и за целиот регион, е доколку Европскиот совет донесе одлука за отварање на датум за преговори, токму за време на белгиското претседателство.
„Претседателот Ромпуј го информирав за сите акции кои Македонија ги презема за да ја надмине пречката со Грција и се надевам дека наскоро таа ќе биде зад нас“, рече Иванов.
Тој додаде дека на Ромпуј му ги пренел и очекувањата на македонските граѓани и нивниот евроентузијазам.
Македонскиот претседател посочи дека неговата визија за регионот е како дел од обединета Европа.
Како што информираше претседателот Иванов на средбата со претседателот на европскиот совет било разговарано за она што Македонија го има досега постигнато и за идните предизвици, за кои како што, како што рече, Ромпуј имал големо разбирање.
Иванов во рамките на дводневната посета на Брисел, освен со Ромпуј, денеска се сретна и со Претседателот на Претставничкиот дом на Кралството Белгија, Андре Флау .
Целта на средбите на претседателот со европратениците е со аргументи за напредокот на нашата земја да се апелира за позитивен извештај и добивање на датум за почеток на преговори.
Иванов вчера се сретна со претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Баросо и со еврокомесарот за проширување Штефан Филе.
извор: „Макфакс“