Претседателскиот кандидат на Републиканската партија Мит Ромни победи во првата телевизиска дебата со претседателот Барак Обама, која се одржа вчера во американскиот град Денвер, јави дописникот на МИА од САД.
Во првото од вкупно трите соочувања кои ќе ги имаат Ромни и Обама, републиканскиот кандидат беше далеку поагресивен од претседателот, ги избегна незгодните прашања и неколкупати го обвини Обама дека лаже, пред се во своето толкување на даночните и буџетските планови на Републиканската партија.
– Знам дека ти и твојот потпретседателски кандидат ме обвинувате дека ќе го зголемам дефицитот за пет трилиони. Тоа е популарна работа да се каже кај многу луѓе. Јас имам пет синови, и навикнат сум да ми кажуваат работи кои не се секогаш точни, и само се повторуваат и повторуваат во надеж дека ќе станат точни, изјави Ромни, обвинувајќи го претседателот Обама дека лаже за неговиот буџетски план.
Обама ги повтори вообичаени обвинувања кон Ромни, дека неговата економска политика ќе биде добра за богатите Американци, но не и за средната класа.
Тема на едно и пол часовната дебата беше домашната политика, особено економијата, здравството и образованието, како и улогата на сојузната Влада во поделбата на власта. Двајцата кандидати се изјаснија како бранители на средната класа во американското општество.
Претседателот Обама во неколку соочувања го обвини Ромни и неговиот потпретседателски кандидат Пол Рајан дека се поврзани со крајното десно крило на Републиканската партија, и дека ќе ги скратат социјалните програми.
– Гувернерот Ромни вели дека ако ги намалиме даноците, ако ги помогнеме богатите и ги намалиме државните регулативи ќе ни биде подобро. Јас имам поинаква визија. Мислам дека треба да инвестираме во образование и обука за работа. Дека е важно да развиваме нови извори на енергија во Америка и да го смениме даночниот систем за да им помогнеме на малите бизниси и компании кои инвестираат тука, во САД, изјави Обама.
Ромни повеќепати се повика на своето големо искуство како бизнисмен и инвеститор. Републиканскиот кандидат се соочи со неколку за него тешки прашања, како што е прашањето на здравствената заштита и здравствената реформа наречена Обамакер со која Вашингтон добива многу поголеми овластувања во регулирање на пазарот на здравствена заштита.
Програмата е непопуларна, особено кај републиканските гласачи, но Ромни, како гувернер на сојузната држава Масачусетс и самиот спроведе слична реформска мерка наречена Ромникер. Ромни сепак успеа да ја добие дебатата на ова прашање велејќи дека сојузните држави како Масалусетс имаат право да ја регулираат здравствената заштита, додека Вашингтон нема право да ги принуди на тоа.
Притоа, Ромни успеа добар дел од дебатата да насочи кон најнепопуларниот дел од програмата Обамакер – формирањето на државна комисија која ќе може да определува кои медицински зафати се непотребни за граѓаните, комисија која републиканците ја нарекуваат “одборот на смртта”.
– Анкета на малите претпријатија низ земјата покажа дека три четвртини од нив велат дека шансите да вработат нови работници се помали поради обврските што произлегуваат од Обамакер. Не знам како може еден претседател да дојде на власт, соочен со 23 милиони луѓе без работа, со растечка невработеност, економска криза која се чувствува на трпезариите на луѓето и две години да ја троши својата енергија на Обамакер, а не на борење за создавање нови работни места за американските граѓани, изјави Ромни.
Обама возврати дека неговите здравствени реформи им овозможуваат на граѓаните да бидат послободни од приватните осигурителни компании кои работат за профит и го обвини Ромни дека сака делумно да ја приватизира социјалната програма Медикер, еден од најголемите трошоци на сојузниот буџет на САД, преку која се обезбедува здравствена заштита за постарите граѓани.
– Гувернерот Ромни вели дека најстарите и најболните луѓе ќе останат во Медикер. Но, секој економист од областа на здравството вели дека ако го сториме тоа, традиционалниот систем на Медикер ќе колабира. Тоа значи дека луѓе како мојата баба ќе бидат оставени на милоста на приватните осигурителни компании, во време кога најмногу им е потребна добра здравствена заштита, одговори Обама.
Во медиумските коментари по дебатата, Ромни беше едногласно прогласен за победник, додека анкетата на телевизијата Си-Ен-Ен спроведена веднаш по дебатата покажа дека дури 67 проценти од граѓаните сметаат оти Ромни победил.
Само 25 проценти од анкетираните оцениле дека Обама е победникот во дебатата, а дополнително, голем број познати поддржувачи на Обама, како комичарот Бил Маер, режисерот Мајкл Мур и колумнистот на Њујорк Тајмс Николас Кристоф силно го критикуваа млакиот и неубедлив настап на претседателот преку социјалните мрежи.
Во наредните денови се очекува да се види дали победата на дебатата ќе се одрази и врз анкетите, особено во тесно поделените сојузни држави во кои ќе се решат претседателските избори.
По дебатата, советниците за односи со јавноста на Обама беа соочени со прашања зошто нивниот кандидат делувал збунето, или не отворил некои од темите кои се штетни за Ромни, како на пример неговата тајно снимена изјава дека 47 проценти од Американците кои не плаќаат данок на доход ќе гласаат за Обама.
Дејвид Плауф, советникот на Обама, изјави дека таа тема е добро промовирана, и дека во дебатата претседателот сакал да изнесе конструктивни проекти. Плауф ги отфрли обвинувањата на новинарите на телевизијата МСНБЦ, блиска до Демократската партија, дека Обама бил премногу мек кон Ромни, велејќи дека и претседателот имал неколку остри соочувања со противкандидатот.
Обама и Ромни ќе имаат уште две соочувања, на 16 и 22 октомври, додека следна на распоредот е дебатата на потпретседателските кандидат Џо Бајден и Пол Рајан на 11 октомври.