Романскиот пливач Давид Поповичи го понесе признанието за најдобар спортист на Балканот во 2022 година, во изборот кој традиционално го организира бугарската новинска агенција БТА.
Младиот, 18-годишен Поповичи оваа година освои златни медали на 100 и 200 метри слободно на Светското првенство во Будимпешта, а во истите дисциплини ги освои и европските титули во Рим. Воедно го подобри и светскиот рекорд во дисциплината 100 слободен стил.
Во 40-ти по ред избор на најдобар балкански спортист во организација на БТА, во кој учествуваа десет регионални новински агенции, Поповичи освои 64 бодови, три повеќе од српскиот тенисер Новаќ Ѓоковиќ на второто и капитенот на хрватската фудбалска репрезентација Лука Модриќ на третото место (48).
Избор на најдобар спортист на Балканот, 2022:
Давид Поповичи (Романија, пливање) 64 бодови
Новак Ѓоковиќ (Србија, тенис) 61
Лука Модриќ (Хрватска, фудбал) 48
Милтиадис Тентоглу (Грција, атлетика) 46
Тијана Бошковиќ (Србија, одбојка) 31
Никола Јокиќ (Србија, кошарка) 27
Јанис Антетокумпо (Грција, кошарка) 23
Александар Везенков (Бугарија, кошарка) 21
Лана Пудар (БиХ, пливање) 20
Таха Акгул (Турција, борење) 20.
OhridNews