Синоќа во КИЦ „Култура 365“ беше отворена изложба на 17 романски фотографи од Букурешкото училиште за фотографија. Љубителите на уметноста имаа можност да се запознаат со кративните дела на студентите, но истовремено да поразговараат и разменат искуство со авторите.
Како што објасна м-р Лидија Размоска од КИЦ „Култура 365“, основниот мотив на фотографиите е патувањето, како доживување за себе и стекнување ново искуство.
„Ова се 17 фотографи од Букурешкото училиште за фотографија, кои ја презентира нивната работа. Секое патување е приказна за себе. Духот на патувањата презентиран преку фотографската уметност претставува почеток на ново доживување.“ – рече Размоска.
Францис Мраз – Ферко, еден од двајцата основачи на Букурешкото училиште за фотографија, потенцира дека оваа изложба во Охрид, е само една од многуте кои досега се организирани ширум европските земји.
„Најпрво сакам да му се заблагодарам на Мишо Јузмески, кој ни излезе во пресрет и успеа да ни помогне да ја реализираме оваа изложба толку брзо. Овие фотографии се само дел од работата на седумте генерации студенти, кои покажаа креативност и ентузијазам. Делата не содржат социјален или било каков карактер, туку едноставно преку нив се доловува внатрешната убавина, онаа која извира одвнатре.“ – рече Мраз-Ферко.
Тој потенцира дека на следната изложба која во септември ќе се одржи во главниот романски град, Букурешт, ќе бидат презентирани дела со мотиви од Охрид и регионот.
„Најверојатно, веќе на следната изложба закажана за 8-ми или 9-ти септември, нашите студенти ќе презентираат фотографии од Охрид и околината. На тој настан, најавен е и амбасадорот на Република Македонија во Букурешт.“ – потенцира Мраз – Ферко.
Мишо Јузмески од КИЦ „Култура 365“, со чија поддршка се реализира оваа изложба, рече дека ова културно збиднување претставува најдобар начин за зближување на двете култури и градење пријателство.
„Кога слушнав за вашата посета во Охрид, бев среќен што можев да помогнам. Во овој момент не само што ги прикажуваме фотографиите, туку градиме пријателство помеѓу луѓето од Македонија, Романија и Балканот воопшто. Се надевам дека ова нема да е само прв пат, туку еден почеток на многу натамошни соработки од областа на културата.“ – рече Јузмески.
Тој на присутните романски посетители и фотографи, им ја објасна улогата на КИЦ „Култура 365“ во културниот живот на Охрид и земјава воопшто.
„Можеби ова место е мало, но едноставно големо. Ние сме единствената институција во земјава која е отворена секој ден во годината. Затоа што нашето мислење е дека секој човек е култура, а нас таа ни е потребна во секојдневието.“ – потенцира Јузмески.
Оваа романска школа е основана пред седум години, а досега ја завршиле 250 студенти. Од почетокот досега, организирани се 45 изложби во Романија, Португалија, Шпанија, Германија, Босна и Херцеговина, Молдавија, Белгија, Унгарија, Франција и др.
Инаку, изложбата во Охрид е организирана од страна “Scoala de poetica fotografica Francisc Mraz” и “Fundatia Culturala Societatea de Concerte Bistrita”, со поддршка од Мишо Јузмески од КИЦ “Cultura 365”.
O.T.