Романот „Чувства без наслов“ на новинарот и колумнист Никола Маневски, ќе биде објавен постхумно, најави неговиот соработник и близок пријател Митре Велјаноски, на комеморативната седница, вчера, на која од починатиот колега се простија блиските, вработените во општината, претставниците на медиумската заедница и граѓани на Охрид.

–  Денеска ми е премногу жал што не бев доволно упорен да го направиме тоа што требаше да го направиме  уште пред една година, но заради неговата скромност остана необјавено. Нешто што го сподели само со мене, неговиот прв и единствен роман „Чувства без наслов“. Мене ми остана аманет посхумно да го објавиме, и ќе го направиме со најголем пиетет, истакна Велјаноски.


На Комеморативната седница што се одржа во големата сала на општината, Велјаноски рече дека е загубен голем човек, хроничар на времето во кое живееше и кој не пропушташе ниту еден настан во Охрид.

-Дури и со бастумчето во четвртокот дојде на концертот што се одржа во општинската зграда во рамки на фестивалот „Охрид те сакам“, додаде Велјаноски.


На комеморативната седница од Маневски се прости и медиумската заедница, која како што беше истакнато, со неговата смрт загуби исклучително ценет колега, врвен новинар и пред се човек, кој во  својата речиси четиридецениска кариера остави неизбришлива трага во македонското и охридското новинарство.

Никола Маневски беше погребан вчера на градските гробишта во Охрид.