Љубителите на музиката во недела на 24-ти јули во црквата „Света Софија“ ќе имаат можност да го проследат концертот на црногорските уметници Роман Симовиќ на виолина и Ратимир Мартиновиќ на пијано.

Според најавите, на програмата ќе бидат дела на А. Парт, С. Прокофјев, Ф. Пуланк, М. Равел.

Виолинистот Роман Симовиќ со неговата брилијантна виртуозност и вродена музикалност настапува на најпрестижните музички сцени во светот. Во неговата биографија впишани се настапи со водечките оркестри  и со некои од најеминентните диригенти во светот на музиката. Големиот број награди кои ги добива на интернационалните натпревари во светот, го сместуваат меѓу најзначајните виолинисти на неговата генерација. Чест гостин е и на фестивалите во Европа, како солист, но и како камерен изведувач.

Ратимир Мартиновиќ според критичарите е еден од водечките пијанисти на неговата генерација. Има одржано повеќе стотини солистички и камерни концерти во целиот свет, притоа соработувајќи со голем број значајни музички уметници и ансамбли. На почетокот на својата кариера бил чест учесник на националните и некои интернационални натпревари, на кои има добиено повеќе награди и признанија. Има издадено два компакт-дискови со музика од Јохан Себастијан Бах, Волфганг Амадеус Моцарт, Фредерик Шопен, Јоханес Брамс и Сергеј Прокофјев.

OhridNews