Сите 65 илјади влезници за концертот на Ролингстоунс на 6 јули во лондонскиот Хајд Парк биле разграбени за 3 минути по пуштањето во продажба. Влезниците чинеле 95 и 300 фунти. Фан зона не постои, а организаторите им порачале на обожавателите да дојдат што порано на концертот како би биле што поблизу до бината. Иако официјално не е објавено, се шушка дека бендот, кој слави половина век од својот прв концерт, во рамките на турнејата ќе одржи уште еден концерт во Хајд Парк, најверојатно неколку дена порано. Во овој парк бендот настапил само еднаш, пред 44 години, два дена по смртта на својот гитарист Брајан Џонс.
Се проценува дека на тој бесплатен концерт присуствувале помеѓу 250 илјади и половина милион фанови. Тогаш групата го претставила својот нов гитарист Мик Тејлор, кој на групата ќе и се придружи и ова лето на сцената во Хајд Парк. Мик Џегер на првиот концерт во Хајд Парк ја рецитирал песната „Адонис“ на Перси Шејли, а потоа во спомен на Џонс, од бината биле пуштени илјадници пеперутки.