Министерството за транспорт и врски го продолжи рокот за уредување на плажите на охридското крајбрежје до 28 јуни 2007 г. Комисија на Министрерството за транспорт и врски денеска ќе ги посети плажите со цел за како што се најавува да се согледа степенот на уредување на плажите.


на 28 јуни истекува рокот за изградба на плажите

До истекот на овој датум, закупците се должни да ги уредат плажите по европски терк – при планирањето на просторот 40% – 60% од плажата треба да биде слободен за користење, без оптоварување со лежалки и други реквизити, одржувањето на хигиената на плажата да биде организирано, а постојната песочна површина да се изнивелира и попесочи со соодветен автохтон песок, постојното зеленило максимално да се почитува и дооформи, хортикултурно и партерно да се уреди (поставување на клупи, фонтани за питка вода, детски игралишта, пешачки патеки од монтажно демонтажни материјали), сервисниот пункт – да ги опфати следните содржини: шанк со кабина за музика, со спецификација на опрема, место за озвучување, санитарен јазол, тушеви (минимум 2), соблекувални, простор за оставање за чадори и лежалки и други реквизити, да се организира простор со чадори за сонце и лежалки и да се овозможи нивно изнајмување по ценовник кој ќе биде објавен на видно место на плажата. Понатаму, закупците се должни да го обележат просторот за капење во езерото со бови заради заштита на капачите од пловните објекти, како и да обезбедат служба за спасување, а местото за седење на спасителот да се осмисли во духот на целата плажа, но на минимум 2,5 метра височина. На плажата треба да се постават информативни паноа, бежичен интернет и други погодности за забавен престој и да се постави часовник на видливо место.

Доколку не се запази рокот за уредување на плажите и доколку не се уредат плажите согласно општите, посебните и задолжителните услови предвидени во насоките и упатствата за уредување на плажата, Министерството за транспорт и врски најавува дека ќе пристапи кон еднострано раскинување на договорот за краткотраен закуп и тогаш плажата ќе биде затворена за употреба.

Г. Момироски