Согласно обврските преземени од државата, до септември 2019 година треба да заврши изградбата на потребната инфраструктура (струја, вода, канализација…) во зоната „Косел“ во Охрид. На истекот од рокот, не само што ја нема  предвидената инфраструктура, туку таа не е ниту на повидок, иако државата како продавач на земјиштето во зоната со договор е обврзана да ја изгради.

Продавачот се обврзува најдоцна до 30.09.2019 година да обезбеди зградите кои се предмет на овој Договор да имаат пристап до главните приклучоци за одвод/довод за вода, канализација и електрична енергија, како и да ја обезбеди сета патна, канализациона и друга инфраструктура која е потребна за нормално користење на зградите. – стои во Договорот до кој дојде OhridNews.

Фото илустрација

За непридржување кон договорот предвидени се казнени пенали, односно доколку до предвидениот рок не бидат извршени преземените обврски, државата ќе треба да ја надомести евентуалната штета на корисниците, односно сопствениците на земјиштето во зоната во случај да задоцни со исполнување на обврските.

Изминатите денови во неколку наврати се обративме до Дирекцијата за ТИРЗ. Но нашите обиди да добиеме одговор на поставените прашања во врска со изградбата на инфраструктурата во зоната во „Косел“, но и за други актуелни прашања кои се однесуваат на најавените, а се уште не реализирани инвестиции во Охридско-струшкиот крај, беа безуспешни.

Г.М.