Родовата еднаквост е од суштинско значење за искористување на потенцијалот на целото општество, а не само на 50 отсто од него. Остварувањето на правата на жените се инструмент за економски раст и благосостојба, додека врската помеѓу зајакнувањето на жените и мирот и безбедноста се сржта на безбедноста агенда. Заедно да ги рушиме стереотипите кои се актуелни и присутни како за жените, така и за мажите.
Ова се дел од пораките кои денеска беа пренесени за време на конференција на тема: „Униформа, оклоп кој значи ранливост – нашата секојдневна борба на два фронта“, како дел од кампањата „Гласна и храбра“ организирана од Министерството за труд и социјална политика (МТСП).
Според министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, жените, припаднички на полициските служби се носители на промените за заштита од насилство врз жените и семејно насилство, бидејќи тие се оние кои први ги добиваат пријавените случаи, први излегуваат на терен и обезбедуваат заштита за жените и во некои случаи и за нивните деца. Токму затоа, како што нагласи таа, и тие треба да се соодветно заштитени од насилство, вознемирување на работното место, дискриминација по однос на пол, сексистички коментари и вознемирување.
Родовата еднаквост е од суштинско значење за искористување на потенцијалот на целото општество, а не само на 50 отсто од него. Од херојството на жените борци во Народно ослободителната борба за време на Втората светска војна, до првите жени војници во Армијата и жените во полицијата, жените служат, се борат и придонесуваат за безбедноста и просперитетот на нашата држава, додаде министерката.
Министерката за одбрана Славјанка Петровска во своето обраќање на денешната конференција посочи дека долги години владеат стереотипите дека безбедниот сектор, особено високите раководни позиции, се резервирани исклучиво за мажите.
Во 2012 година, процентот на застапеност на жените во униформа бил 5,7 отсто, додека денес имаме скок на 10,8 отсто застапеност. Висок раст бележи и процентот на жените офицерки кои во 2012 година биле само 9 отсто, додека денес тој процент е двојно поголем. Во 2012 само една жена била полковник, денес се седум. Во Министерството за одбрана, вкупната застапеност на жените е 47 отсто, додека процентот од 48 отсто жени на раководни позиции е најголем во изминатите години, рече Петровска.
Таа додаде дека уште поважно е жените во Армијата и во Министерството за одбрана да бидат навистина добредојдени, односно не смеат да бидат омаловажувани, дискриминирани или пак да бидат попречувани во развојот на нивната кариера, само затоа што тие се жени.
Според министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски општеството се движи напред само со еманципирани, економски силни и самостални жени и девојки, а низ призмата на родовата еднаквост, вклучително и околу принципот на застапеност на жената во полицискиот систем на МВР, направен е објективен и проверлив прогрес.
Од година во година се зголемува бројот на жени кои се на раководни позиции, не само во рамки на МВР, туку и во делот на работењето во Бирото за јавна безбедност. Имаме колешки, кои се раководителки на оддели, помошници директорки, началнички, командирки на полициски станици или на полициски одделенија. Денес, можеме да се пофалиме со жени кои се вклучени во Одделот за специјални полициски операции, поточно во Единицата за брзо распоредување, Единицата за интервентна полиција, САЕ Тигар и Хеликоптерската единица, што порано не беше случај, истакна Спасовски на конференцијата.
Деканот на Факултетот за безбедност, Никола Дујовски во својот говор истакна податок дека за разлика од пред 30 години кога беше незамисливо таму да има подеднаков број на мажи и жени, во овој момент на Факултетот за безбедност, во сите циклуси на студии, студираат 475 жени и 368 мажи или отприлика соодносот е 63,5 наспрема 36,5 отсто во корист на жените.
Конференцијата се организира со цел да се потенцира значењето на жените во униформа како рамноправни чинители во безбедносниот систем, како и дека тие униформата ја носат со чест, достоинство и огромна одговорност. Овие жени се обучени, тренирани и ги спроведуваат своите обврски, исто како и мажите, што се смета за импресивно во еден сектор во кој доминираат мажите и во општество во кое се уште постојат стереотипи за машки и женски професии.
OhridNews