Во катедралната  црква Св. Софија во Охрид денеска се одржа помен за жртвите од бродската несреќа што на 5-ти септември се случи во водите на Охридското Езеро. На поменот присуствуваа роднини на осум од петнаесете бугарски туристи кои го загубија животот во потонувањето на бродот „Илинден“. Скршени од тага и болка тие сеуште не веруваат дека нивните најблиски веќе не се меѓу живите.


 Светла Николова кој  во бродската несреќа ја изгубила својата мајка вели дека сеуште времето не може да ја залечи болката од големата загуба.

– Поминаа денови од несреќата но ние сеуште сме длабоко потресени од тоа што се случи тука. Благодариме што се организира овој помен со кој им се оддава почит на нашите најблиски, но нас ни е тешко. Тие дојдоа да го видат Охридското Езеро за кое многу се зборува во Бугарија, на сите им се допаѓа, но нас Охридското Езеро ни донесе само тага и болка, рече Николова.


Градот Антон од каде беа 8 од загинатите туристи, сеуште е во шок од трагедијата, вели секретарот на општината Цветелина Костова. Со неа во Охрид допатуваа 16 роднини на осум од загинатите туристи.

– Некои од блиските го откажаа своето доаѓање во Охрид. Допатуваа роднините на 8 од загинатите туристи кои сакаат да дознаат каде се случила несреќата и да видат каде тие ги минале последните мигови од животот, рече Костова, изразувајќи надеж дека истрагата ќе ги открие причините за трагедијата. Штом нешто се случило мора за тоа да има причина која роднините на настраданите сакаат да ја знаат, додаде Костова.


На поменот присуствуваа в.д. амбасадорот и конзулот на Бугарија, градоначалникот на општина Охрид, членови на градскиот совет и граѓани, кои како што истакна Сашо Алче, претседател на здружението „5-ти Септември“, на овој начин сакаат да им одадат почит на настраданите во големата несреќа.



Тој истакна дека Локалната самоуоправа има формирано одбор кој во соработка со централната власт ќе работи на идејното решение за одбележување на трагичниот настан. „Ќе се разговара дали тоа ќе биде со спомен плоча или споменик, како и за тоа кога и каде ќе биде поставено спомен обележјето“, рече Алче.

Ohridnews