По четири часовни разговори помеѓу претставници на Министерството за образование и на локалната самоуправа со раководителите на стручките средни училишта „Нико Нестор“ и „Ибраим Темо“ и стотина родители не се изнајде решение за начинот на кој понатаму ќе се одвива наставата во овие образовни центри.

Учениците Македонци и натаму цврсто стојат на ставот дека нема да се вратат на настава се додека не бидат воведени етнички смени, во што тие синоќа добија отворена поддршка од нивните родители. „Децата де факто се поделени по етничка основа. Не слават матура заедно, не одат заедно на екскурзии, единствено заеднички им е училишниот двор каде се тепаат“, рече родител на ученик Македонец.

За родителите Албанци пак неприфтливи се поделбите по етничка основа. Тоа не е добро и не’ не води никаде, велат тие. Според нив политиката длабоко е навлезена во училиштата и таквата состојба мора да се надмине. Само пред неколку години кога ние баравме поделба по етнички основи бевме силно нападнати, а сега сме во ситуација тоа да го бараат другите родители, рекоа родителите Албанци. Тие сметаат дека и одредени медиуми тенденциозно ги прикажуваат состојбите, а вина гледаат и во раководителите на училиштата.

Директорот на СУ „Ибраим Темо“, Муса Мусаи се оправда дека не може да ги санкционира учесниците во масовните тепачки кои ги предизвикаа поделбите помеѓу македонците и албанците. Тој рече дека не постојат технички услови за воведување јазична настава и замоли сите да покажат поголема одговорност во надминување на проблемот.

Против воведувањето јазични смени е и градоначалникот Рамиз Мерко кој смета дека тоа води кон сегрегација. Струга е толерантен град и ние мора изнајдеме начин како да ја надминеме оваа состојба, но пред се децата треба да ги вратиме на училиште, рече Мерко.


против етнички поделби-Рамиз Мерко

Државниот секретар во Министерството за образование, Перо Стојаноски, изрази жалење што родителите се делат по етничка основа. Тој рече дека проблемот не може да се реши преку ноќ и дека е потребно да се дојде заеднички до решение. Стојаноски најави дека претставници на министерството ќе бидат присутни во Струга се додека не се надминат проблемите.

Родителите на учениците Македонци побараа но не добија конкретен рок до кога би можел да се реши проблемот по што средбата заврши без никаков конкретен заклучок или решение. Учениците Македонци најавија дека ќе го продолжат бојкотот и покрај тоа што до матурата има само месец и половина. 

Г. Момироски