Воведувањето на екстерното оценување во основните и средните училишта предизвика револт кај родителите на учениците. Ова било истакнато на состанокот на претседателите на совети на родители од општинските основни и средни училишта, што се одржал деновиве.

На состанокот на кој учествувале 9 од вкупно 12 претседатели на совети, биле изнесени бројни забелешки на родителите на воведувањето на екстерното оценување од страна на Министертството за образование.

– Родителите сметаат дека премногу се експериментира со децата и дека новините во образованието се носат набрзина, без доволно да се испитаат. Според нив, насекаде во светот се воведува колоквиумско, односно парцијално испитување додека кај нас тоа е обратно. За родителите е нејасна разликата помеѓу државните и приватните училишта каде што не се воведува екстерното оценување, а забележуваат и дека постои  недоволна информираност во врска со критериумите кои што ќе бидат применети во екстерното оценување. Несфатлива за нив е и одлуката екстерното испитување да се спроведува по електронски пат во услови кога дел од учениците немаат ниту еден работен час на новодонесените компјутери во училиштата, било истакнато на состанокот на  претседателите на совети на родители.

Според нив, ваквите забелешки упатуваат на заклучок дека родителите на децата кои што учат во основните и средни училишта во Охрид во целост ја поддржуваат иницијативата која што е покрената пред Уставниот суд на Р.М. за испитување на уставноста и издржаноста на оваа, како што се посочува, избрзана одлука на Владата на Р.М.

Ohridnews