Случајот Јане Пирганоски кој со денови е топ тема во македонската јавност имаше нова епизода откако родителите на Јане  кој 3 години е во кома, ја напуштиле собата во која беа сместени заедно со нивниот син во специјалната детска болница Свети Еразмо во Охрид, но синот го оставија  во болницата и како што велат „совеста на министерот за здравство“.

“Револтирани од вчерашните изјави на раководството на болницата кое не обвини дека во болницата сме направиле некаква екстериторија и другите изнесени невистини, одлушивме да ја напуштиме собата, а Јане го оставивме на лекарите. Тие нека се грижат сега за него“, вели таткото Љупчо Пирганоски.

Родителите  го посетиле Јане кој од собата каде бил сместен бил префрлен на одделението за интензивна нега. Љупчо Пирганоски останува на тврдењето дека семејството потрошило 120.000 евра за досегачното лекување на Јане и побара надлежните органи да испитаат чие тврдење е вистинито, на Пирганоски или на болницата.

Раководството на болницата вчера на прес конференција информираше дека трошоците за досегашното лекување на Пирганоски од 1,6 милиони денари биле покриени со средства од Фондот , а не од родителите кои според нив во обидот да ги задржат досегашните привилегии не бираат средства. Поради тоа раководството бара од  министерството за здравство да помогне во решавањето на случајот и најави дека  доколку биде потребно помош ќе биде побарана и  од полицијата.

Г. Момироски
Фото: С. Костоски