Зајакнувањето на мерките за спречување на ширењето на коронавирусот и продолжувањето на полицискиот час, со кој за време на викендите во целост се забранува излегувањето од дома, внесе загриженост кај семејствата на одредени групи граѓани со посебни потреби, меѓу кои се и децата со аутистичен спектар на однесување.

Познато е дека секојдневието на овие деца(лица) е поврзано со одредени рутини, кои доколку се нарушат, предизвикуваат вознемиреност и зголемена хиперактивност. Со оглед на тоа што овој период тие не се во можност да ги извршуваат своите секојдневни рутини како што е посета на предучилишни установи, училишта, центри со што се јавуваат и проблемите, дополнително загрижуваат и најавените зајакнати мерки и продлжениот полициски час особено во текот на викендот.

Родителите на овие деца потенцираат дека на лица со аутистичен спектар, децата со попреченост, нетипичен развој, не може да им се објаснат ваквите мерки, бидејќи тие имаат свои секојдневни рутини.

  • Ним им е неопходна прошетка во текот на денот, бидејќи и досегашните промени во дневните рутини веќе доведоа до зголемена вознемиреност, хиперактивност и низа други последици. Мора да се змее во предвид дека децата со типичен развој може да ги разберат забраните, но децата со атипичен развој не можат, велат родителите.

Тие со апел до надлежните на нивните деца да им се овозможи излегување во текот на денот, секако со почитување на мерките и препораките.

OhridNews за овој проблем се обрати до министерот за здравство Венко Филипче кој одговори дека барањето се разгледува и дека надлежните имаат во предвид дека за одредена група граѓани мора да се направи исклучок.

  • Тоа е едно специфично прашање кое стигна и до министерството за здравство. Има повеќе групи граѓани кои бараат некои ослободувања од забраната за движење. Ние имаме интензивна комуникација со Министерството за информатичко општество за тоа како тоа формално правно да се регулира и со која документација ќе се формализира. Во текот на денот ќе излеземе со конкретна информација, но барањето го имаме во предвид, затоа што знаеме дека за одредени групи граѓани со одредени дијагнози се препорачува излегувањето надвор, изјави за OhridNews, министерот за здравство, Венко Филипче.

Т.К.