– Покривот кој е изработен од азбест во училиштето во кое се школува моето дете беше поставен во 2005 година. Две години подоцна од страна стручните лица беше укажано дека ваквите покриви мора да се заменат со други- изработени од материјал кој не е штетен за здравјето. Но, до ден денес тие не се сменети, вели револтиран родител. Тој објаснува дека во неколку наврати побарале информација од директорот на училиштето, но не успеале да добијат одговор.
Од Локалната самоуправа објаснуваат дека замената на азбестните покриви спаѓа во капитални инвестиции, кои ги реализира министерството за образование.
– Од наша страна во неколку наврати беше иницирана нивна замена, но не сме ние тие кои треба тоа и да го реализираат, вели Митре Велјаноски советник за образование при Локалната самоуправа. Токму поради овој проблем на последниот состанок на ЗЕЛС од владата беше побарано да се изврши децентрализација на капиталните инвестиции или барем да се потранспарентни критериумите по кои се распределуваат средствата наменети за каппитални инвестиции. За жал од страна на владата ваквото барање беше одбиено, рече Велјаноски.
Канцерогените азбестни покриви и ѕидови кои биле употребувани како евтин градежен материјал во ’70-тите години од минатиот век ги има речиси на секоја втора градба, особено во образовните институции. Експертите овој градежен материјал го нарекуваат тивок убиец бидејќи азбестот не е опасен кога се наоѓа во крута состојба како плоча. Опасна е азбестната прашина која настанува при секое манипулирање со азбестот, монтирање и демонтирање, кршење, превоз итн.