Родителите на ученици кои посетуваат настава во Охридската гимназија реагираат за проблем со организираниот превоз од училиштето со кој децата одат на училиште. Посочуваат проблемот трае од почеток на учебната година.

Учениците од околните населби и села на Охрид се принудени да чекаат цел час пред започнувањето на наставата или да плаќаат приватен превоз. Три месеци чекање и многубројни пријави, но сепак не е понудено никакво решение. Наместо тоа, превозните компании, Општината и директорката ја префрлаат вината оставајќи ги учениците во уште поголемо исчекување. А ние родителите за ова единствено се прашуваме до кога учениците ќе плаќаат за лошиот план и договор помеѓу училиштето и компаниите? Проблемот е пријавен многу пати, но покрај многуте ургенции нема никакво решение, велат родителите во допис до нашиот медиум.

На денешната одржана седница на Совет прашањето беше поставено и од страна на советничката Живка Ангелоска до надлежните.

Јоне Станкоски, помошник раководител на Секторот за јавни дејности при Општина Охрид истакна дека училиштето согласно законот има обврска да организран превоз за учениците, а во случајов станува збор за проблем со 12 деца кои патуваат од Пештани до Гимназијата.

Превозникот кој го има добиено тендерот тргнува во 7:05 минути, наставата започнува во 8 часот, и се работи за порано пристигнување од 20-25 минути на учениците. А има превозник кој тргнува малку подоцна. Ќе гледаме во следните денови да се направи усогласување со превозниците. Се работи за 20-тина минути порано што ќе дојдат децата во училиште. Истото е отворено, затоплено и можат внатре да влезат учениците. Ќе гледаме да го решиме овој проблем во следните денови со превозниците, додаде Станкоски.

Н.С.Ј.