Џиновската панда по име Хаизи донела на свет близнаци, првите познати панди родени оваа година. Хаизи се окотила во кинескиот центар за заштита и проучување на џиновските панди во провинцијата Сечуан. Малите панди се родиле во саботата во временски период од десет минути. Вработените во центарот засега прегледале едно од младенчињата и утврдиле дека станува збор за здрава женка тешка 79,2 грама.

Второто младенче сеуште не успеале да го одвојат од мајката и да го прегледаат, но и тоа изгледало здраво. Штотуку родените бебиња се исклучително мали во однос на возрасните единки. Џиновските панди се критично загрозена врста и нивниот број моментално изнесува околу 1600 во дивина, односно во шумите во кинеските провинции Сечуан, Шанси и Гансу, додека во заробеништво живеат околу 300 од овие животни. Освен што се загрозени поради уништувањето на нивното живеалиште, на бројот на пандите влијае и фактот дека многу тешко се размножуваат, бидејќи женките се плодни само два или три дена во годината.