На денешен ден пред 28 години во Крушево е роден Тоше Проески.
Момчето родено со ѕвезда која за жал прерано згасна, за својот краток живот остави трага длабоко во нашите срца. Од мали нозе воспитан со вистинските човечки вредности успеа да допре до срцата на луѓето и да им ја пренесе на сите својата љубов, добрина и верба во Бога. Со својата скромност и добродетелство стана миленик на сите генерации. За жал неговиот живот траеше премногу кратко, но неговото присуство меѓу нас ќе остане засекогаш преку неговата музика и неговото дело.
Го сакавме и го ценевме додека беше жив, но дури по смртта разбравме колку беше голем и колкава празнина остана по него. Во сите денови по неговото заминување го спомнувавме, илјадници луѓе го посетија неговиот гроб кој стана светилиште. Денот на неговиот последен концерт во Скопје го одбележавме со уште поголем концерт во негова чест. Неговата менаџерка и неговите најблиски соработници вредно работеа да го довршат неговиот англиски албум. Се изгради патот до неговиот манастир Св. Преображение, а во Крушево вчера се постави камен темелник на спомен куќата во негова чест. Се правевме и се ќе правиме за да го сочуваме жив споменот на Тоше затоа што живеејќи покрај него, со неговата музика и хуманост чувствувавме дека стануваме подобри луѓе.
Јасминка Т Момироска